G20

24.02.2023 Скопје

Индискиот премиер Нарендра Моди за време на отворањето на состанокот на Г20, на првата годишнина од руската инвазија на Украина, ги повика глобалните финансиски лидери да се фокусираат на „најранливите граѓани“ во светот.

Индискиот лидер директно не ја спомна војната во своето обраќање пред министрите за финансии на Г-20 и гувернерите на централните банки во одморалиштето Нанди Хилс на периферијата на Бенгалуру, иако конфликтот и неговиот ефект врз светот најверојатно ќе доминираат на дводневниот состанок.

Моди рече дека пандемијата Ковид-19 и „зголемените гео-политички тензии во различни делови на светот“ доведоа до неодржливи нивоа на долгови во неколку земји, прекини на глобалните синџири на снабдување и закани за безбедноста на храната и енергијата.

Премиерот Моди апелираше дискусиите да се фокусираат на најранливите граѓани во светот, додавајќи дека стабилноста, довербата и растот мора да се вратат во светската економија.

Учесниците на состанокот, сепак, најверојатно ќе се фокусираат на војната во Украина. Блокот Г20 ги вклучува богатите демократии на Г7, како и Русија, Кина, Индија, Бразил и Саудиска Арабија.

Индија, која претседава со Г20, не сака блокот да разговара за дополнителни санкции кон Русија и исто така врши притисок да се избегне употребата на зборот „војна“ во јазикот на коминикето на Г20 за да се опише конфликтот.

Њу Делхи задржа неутрален став за конфликтот, значително зголемувајќи ги своите купувања на поевтина руска нафта. Русија ги нарекува своите акции во Украина „специјална воена операција“.

Состанокот доаѓа во време на знаци дека глобалната перспектива е подобрена од последниот самит на Г20 во октомври, кога голем број економии беа на работ на рецесија во услови на скокови на цените на енергијата и храната предизвикани од војната.

Меѓународниот монетарен фонд прогнозира раст на глобалниот БДП за 2023 година од 2,9%, што е повеќе од прогнозата од 2,7% во октомври, но сепак далеку под 3,4% постигнати во 2022 година.

Инфлацијата во Соединетите Држави и другите земји се намали заедно со пониските цени на енергијата, но Јелен додаде дека таквите напори треба да продолжат и дека е потребна повеќе работа за да се ублажат последиците од војната, како што се олеснување на недостигот на храна и задржување на цените на енергијата и руските приходи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author