10.02.2023 Скопје
Надежите за пронаоѓање на преживеани под урнатините на јужна Турција и Сирија сè уште не се целосно згаснати, добрите вести продолжуваат да доаѓаат во петтиот ден откако силните земјотреси со јачина до 7,7 степени го потресоа регионот.
„Си-Ен-Ен Турк“ објави дека во 101-от час од првиот потрес во понеделникот во 4:17 часот, спасувачите успеаја да извлечат 30-годишен маж од урнатините во Хатај, како и мајка и нејзиниот петгодишен син во Дијарбекир.
Други турски медиуми објавија дека две сестри затрупани под урнатините, со кои спасувачите стапиле во контакт, биле спасени во исто време во Кахраманмарас.
Петчлено семејство со едногодишно бебе беше извлечено живо од спасувачите во округот Хатај во 96-тиот час од земјотресот.
Надежта триумфираше и во Газиантеп, каде 17-годишно момче беше извлечено од урнатините во 94-от час по земјотресот.
Два часа претходно спасувачите извлекле мајка и ќерка од урнатините на нивната урната куќа.
„Си-Ен-Ен-Турк“ јавува дека деведесет и еден час по земјотресот во Хатај, спасено е и 12-годишно момче.
Според последните податоци во Турција, во земјотресите загинале над 21 илјади луѓе, а повредени се 78 илјади. Во соседна Сирија загинале над 3.300 луѓе, а илјадници се повредени.
Подготвено од А.Ѓ.