20.02.2023 Скопје
Производителот на телекомуникациска опрема Ериксон планира да укине околу 1.400 работни места во Шведска како дел од поширокиот план за намалување на трошоците на глобално ниво.
Компанијата претходно ги објави плановите за намалување на трошоците за 9 милијарди круни (880 милиони долари) до крајот на 2023 година, бидејќи побарувачката забавува на некои пазари, вклучително и Северна Америка.
Дополнителни кратења на работни места, кои ќе бројат неколку илјади во други земји, најверојатно ќе бидат објавени во наредните денови.
Ериксон последен пат направи длабоки намалувања во 2017 година кога отпушти илјадници вработени и се фокусираше на истражување за да ја извлече компанијата од загуби.
Компанијата со месеци преговараше со својот синдикат на вработени во Шведска за тоа како да се справи со намалувањето на трошоците.
Сега е постигнат договор со шведските синдикати за тоа како да се управува со намалувањето на бројот на вработени, рече портпаролот, додавајќи дека компанијата има намера да ги направи намалувањата преку доброволна програма.
Подготвено од А.Ѓ.