14.02.2023 Скопје
Од Црвен крст информираат дека пратка од 800 пакети со храна, 1.700 пакети со хигиена и 4.000 ќебиња е првичната хуманитарна помош што Црвениот крст ја испрати денес до местата погодени од земјотресот.
Државата досега финансиски помогнала со сума близу еден милион евра, а турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок се надева дека во наредниот период ќе се зголемува паричната помош.
Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на денешна прес-конференција по повод испраќање на хуманитарната помош, изјави дека согласно сите информации што „ги добиваме од терен, во текот на вчерашниот ден имавме консултативна средба со повеќе национални друштва и повторно беше истакната потребата од собирање на материјална хуманитарна помош, пред сè во ќебиња, шатори, вреќи за спиење, газиени ламби“. Исто така, тој додаде дека во делот на остатокот на хуманитарна помош, апелира уште еднаш да се донираат пакети со храна, но сето тоа да биде ново, да биде согласно стандардите за хуманитарна работа.
Саити истакна дека сме сведоци на многу иницијативи, но за жал квалитетот на хуманитарна помош не е на задоволително ниво и сето тоа не може да се испрати.
Саити потенцираше дека Црвениот крст останува на располагање за собирање хуманитарна помош, но во рамките на стандардите.
Турскиот амбасадор изрази благодарност до македонските граѓани и државата за организацијата и помошта за настраданите во земјотресот.
Подготвено од А.Ѓ.