27.02.2023 Скопје
Десет граѓани на ЕУ се на списокот со санкции на САД според Глобалниот акт Магнитски, од кои осум се Бугари, но сепак, во текот на изминатите неколку години, Унгарија ја престигна Бугарија во повеќето меѓународни рангирања за корупција, при што земји како Романија, Грција и Кипар ги остави не далеку зад себе.
Во ситуација кога геополитичките тензии се високи поради војната во Украина, Бугарија е слаба алка во источното крило на НАТО. Во изминатите две и пол години, балканската земја се опорави од политичка криза невидена во последните децении, а руската пропаганда против ЕУ и НАТО навлезе во значајни делови од општеството.
Евроатлантските партии во Бугарија сè уште добиваат најголем дел од гласовите, но не можат да формираат влада поради една главна причина, поранешниот долгогодишен премиер на земјата, Бојко Борисов.
Партијата на Борисов, Граѓаните за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), победи на претходните парламентарни избори во октомври 2022 година и се уште има шанса да победи на следните на 2 април 2023 година.
И покрај тоа, партијата ГЕРБ е несакан партнер на другиот голем проевропски политички проект во земјата, коалицијата меѓу „Продолжуваме со промените“ и „Демократска Бугарија“. Тие им ветуваат на своите гласачи дека ќе стават крај на корупцијата за време на владеењето на Борисов и ќе наметнат нов стил на отворена влада. Но, формацијата не може да го направи тоа без да коалицира со ГЕРБ. Единствена пречка за ова е самиот Борисов.
И токму тука се појавуваат санкциите на САД според Законот Магнитски. Тие беа наметнати само два месеци пред парламентарните избори.
Најважната политичка фигура на списокот Бугари неодамна санкционирани под „Магнитски“ е Владислав Горанов, министер за финансии на Борисов во периодот 2014-2020 година. САД го обвинуваат за корупција затоа што лобирал за усвојување на законски измени кои имаат корист за коцкарскиот бизнис и ја оштетуваат државата до сума од 350 милиони евра. За овие измени е виновен Горанов и целата партија ГЕРБ која го поддржа законот во парламентот.
Посочувајќи го Горанов, САД не го спомнуваат самиот Борисов, неизбежен фактор во Бугарија за време на неговото владеење. Поранешниот бугарски премиер е свесен дека САД не го гледаат како посакуван партнер на источното крило, туку како пречка.
По изборите на 2 април, ќе биде јасно дали Законот Магнитски има доволно влијание во Бугарија, отстранувајќи ја оваа голема пречка за формирање стабилна евроатлантска влада.
Подготвено од А.Ѓ.