20.02.2023 Скопје
Министерката за финансии Росица Велкова изјави дека Бугарија сега има за цел да влезе во еврозоната од 1 јули 2024 година, половина година подоцна од првично утврдениот датум, истакнувајќи дека нејзината земја може да ја намали својата инфлација на нивото потребно за влез во групата.
Бугарија се откажа од својата првична цел за приклучување кон еврозоната на 1 јануари 2024 година, бидејќи парламентот не ги усвои потребните закони пред да биде распуштен, објави во петокот бугарската влада. Бугарите ќе гласаат на петтите општи избори во последните две години на 2 април.
Министерката Велкова истакна дека доколку се вложат максимални напори, Бугарија би можела да се приклучи на еврозоната на 1 јули 2024 година, осврнувајќи се на намалувањето на инфлацијата до нивоата потребни за влез во групата. Исто така, додаде дека разговорите „што ги имавме со Европската комисија се дека ако целиот процес се одвива без проблеми, нема да има законски и регулаторни пречки Бугарија да влезе во еврозоната во јули“.
Одлуката на преодната влада за влез во еврозоната беше критикувана од втората по големина партија во земјата – Продолжуваме со промената.
Андреј Ѓуров од „Ја продолжуваме промената“ за Бугарското национално радио изјави дека постои одлука на Националното собрание која јасно вели дека преодната влада мора да направи се што е можно за да може Бугарија да влезе во еврозоната на 1 јануари 2024 година, и „сметаме дека сè уште може да се случи, има време да се преземат сите подготвителни чекори за ова да се случи“. Исто така, тој додаде дека Бугарија е меѓу земјите со најдобри показатели во Европа во однос на нискиот јавел долг и буџетскиот дефицит.
Подготвено од А.Ѓ.