24.02.2023 Скопје
Европската комисија започна консултации со кои се разгледува идното финансирање на интернет конекцијата и дали големите технолошки компании треба да помогнат во неговото финансирање.
Во моментов, големите телекомуникациски компании, како Telefónica, Telecom и Orange, платија за претходните технолошки достигнувања, но Комисијата ја отвори дебатата во текот на вчерашниот ден за да собере ставови за тоа дали големите технолошки бизниси, како Netflix, Amazon и Google, треба да придонесат за развојот на 5G и оптички мрежи.
За време на соопштението пред новинарите во Брисел, европскиот комесар за внатрешен пазар и поранешен извршен директор на француските телекомуникации, Тиери Бретон, рече дека трошоците стануваат превисоки за само телекомуникациските компании да ги платат. Исто така, тој истакна дека ова размислување не се прави „против“ никого конкретно, туку се прави „за на нашите сограѓани да им донесеме поврзаност, да им донесеме иновации, да им донесеме добра инфраструктура и нашите компании да им обезбедат најдобро поврзување“.
Телеком компаниите со години се расправаат дека технолошките компании ги користат нивните услуги без да придонесуваат.
За Алесандро Гропели, заменик генерален директор на Европската асоцијација на оператори на телекомуникациски мрежи (ЕТНО), оваа нерамнотежа не може да продолжи. Тој истакна дека сметката за интернет, телефонската сметка не може да биде единствениот начин на кој „финансираме 5G и оптички влакна“. Постои уште една група на компании кои заработуваат многу пари на Интернет со лични податоци, со рекламирање и „затоа е сосема природно во нашите ставови, дека и тие придонесуваат за тоа“.
Сепак, Здружението за компјутерска и комуникациска индустрија, кое ги одразува интересите на технолошките компании, тврди дека Комисијата треба да најде по „инклузивен“ пристап и бара од неа да се откаже од идејата за споделување на товарот.
Комисијата, исто така, ги објави плановите да ја направи гигабитната конекција – брзини на Интернет од 1 gbps – достапна за сите граѓани и бизниси до 2030 година.
Подготвено од А.Ѓ.