28.02.2023 Скопје
Од мрежата Безбедни новинари (SafeJounralists) велат дека недозволива е постапката на МУП на Република Српска, која од Никола Морача, новинар на ЕвроБлиц и порталот СрпскаИнфо, за време на полицискиот распит побара да го открие изворот на информацијата, а секој напад врз новинари е напад на јавноста, интересот, демократијата и правата на сите граѓани.
Здружението, кое претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, го осудува однесувањето на полицијата и надлежното обвинителство кон Морача и употребата на институционална сила, што е спротивно на Уставот и кривичното законодавство на Република Српска, и кој ја штити слободата на изразување и правото на новинарите да го штитат изворот на информации.
Мрежата смета дека ова е уште еден обид да се задуши слободата на медиумите во Република Српска.
„Мрежата SafeJournalists бара да се стави крај на овој вид законско и институционално насилство врз новинарите. Мрежата исто така ги повикува надлежните органи да го истражат однесувањето на одговорните лица на полициската управа во Бањалука и Окружното јавно обвинителство со цел заштита на новинарите и слободата на медиумите“, заклучува мрежата.
Подготвено од А.Ѓ.