13.02.2023 Скопје
Италијанската опозициска левица ја повика премиерката Џорџија Мелони да реагира на поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски за дејствијата што тој вели дека доведоа до смрт и пустош во Украина.
Берлускони, исто така, го повика Вашингтон да се вклучи и да ги искористи средствата за обнова на Украина за да го запре „нападот“ на Зеленски против „двете автономни републики Донбас“.
Берлускони во Милано истакна „сведоци сме на уништувањето на неговата земја и на колењето на нејзините војници и цивили“. Исто така, додаде дека доволно беше да престане „да ги напаѓа автономните републики Донбас, а тоа немаше да се случи“, поради тоа Берлускони многу негативно го оценува однесувањето на „овој господин“.
Берлускони коментираше за печатот по гласањето на регионалните избори во Ломбардија во Милано.
По неуспехот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и Мелони, откако тој не беше поканет на Елисеј на работна вечера со Зеленски, Берлускони рече дека доколку тој беше премиер, немаше ни да разговара со украинскиот лидер.
Форца Италија на Берлускони е партнер во коалициската влада на Мелони (Браќата на Италија) со екстремно десничарската Лега на Матео Салвини.
Мелони мора да реагира на овие „вознемирувачки зборови“ и да заземе став, рече италијанската левица по изјавата на Берлускони.
Претседателката на сенаторите на Демократската партија, Симона Малпеци, истакна дека Берлускони официјално застана на страната на Русија. Исто така, додаде дека со овие владини сојузници, премиерката не треба да се жали како се третира во ЕУ.
Социјалистичкиот сенатор Енрико Борги изјави дека изјавите на Берлускони за Путин и за Зеленски се причина за силна контрадикторност кај мнозинството за едно фундаментално прашање како што е помошта за Украина и овие позиции ја изолираат Италија и го ослабуваат западниот фронт.
Мелони за време на прес-конференцијата во Брисел по самитот на Европскиот совет истакна дека инвазијата на Украина ја носи војната поблиску до дома, а не подалеку, потенцирајќи дека кој и помага на Украина работи за мир.
Снабдувањето на Украина со оружје нема да доведе до ескалација, како што се закануваше од Москва и осуди дел од опозицијата во Италија, туку е начин да се постигне „рамнотежа на силите на теренот“, додаде Мелони.
Но, Берлускони не се согласува и го вперува прстот кон американскиот претседател Џо Бајден, кој, за да „постигне мир“, треба да му гарантира на Зеленски „Маршалов план од 6-7-8-9 трилиони долари“ за обнова на Украина, под услов веднаш да нареди прекин на огнот.
Во спротивно, Американците треба да му одбијат средства и оружје. Берлускони истакна дека само вакво нешто може да го убеди „овој господин да дојде до прекин на огнот“.
Берлускони има долго пријателство со рускиот претседател Владимир Путин, кого го опиша како еден од своите најдраги пријатели.
Еден месец по почетокот на војната во Украина, тој конечно рече дека тоа е „неприфатлива воена агресија“, но потоа следеше зближување со Путин и размена на подароци со „прекрасно писмо“.
Берлускони на крајот ја осуди руската инвазија во октомври, велејќи дека посакува решение преку преговори „што ќе стави крај на овој масакр и ќе ги заштити правата на украинскиот народ“.
Партијата Форца Италија на Берлускони е поврзана со централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), која пред изборите во Италија, го повика италијанскиот електорат да гласа за Берлускони за да обезбеди про-ЕУ ориентација на Мелони.
Подготвено од А.Ѓ.