17.02.2023 Скопје
Премиерот Александар де Кро и неколку министри за време на прес-конференцијата по состанокот на Советот за национална безбедност објавија дека Белгија претстави федерален акционен план од седум точки за борба против криминалот со дрога.
Некои од мерките веќе беа објавени, но јасен план со седум точки беше откриен за време на прес-конференцијата.
Министерот за правда Винсент Ван Квикенборн објасни дека како дел од планот на владата, национален комесар за дрога, судија со десетгодишно искуство чие име ќе биде откриено во текот на денешниот ден, ќе биде назначен да ја координира борбата против криминалот поврзан со дрога.
Од владата велат дека ќе се засили и безбедноста на пристаништето Антверпен, каде минатата година беа запленети речиси 110 тони кокаин. Ќе бидат распоредени нови полициски сили, а целта е овие засилувања да се удвојат до крајот на 2024 година.
Ќе се зајакне и царината. Ќе бидат регрутирани повеќе царински агенти, а владата, исто така, ќе купи модерна, мобилна опрема за скенирање за да се осигура дека контејнерите со висок ризик се секогаш успешно скенирани.
Луѓето на чувствителни позиции кои работат во и за пристаништата во Белгија, како извршни директори и возачи, ќе бидат барани за врски со организираниот криминал. Тие ќе бидат подложени на скрининг спроведен од Федералната полиција, Генералната служба за разузнавање и безбедност (ADIV-SGRS) и Државната безбедност (VSSE), објасни Ван Квикенборн.
Процесот, кој треба да вклучи скрининг на над 16.000 луѓе, веќе е започнат, додаде министерот.
За да се запре перењето пари со дрога, владата се надева дека ќе го протурка предлогот низ парламентот кој ќе ја зајакне улогата на локалните власти во затворањето на бизнисите поврзани со нелегални активности за перење.
Предлозите, исто така, ќе влијаат на корисниците на дроги бидејќи владата сака да им наметне потешки казни и да обезбеди тие да бидат упатени до службите за помош.
За корисниците на кокаин, казната може да достигне 1.000 евра. За поседување канабис, фиксната казна ќе остане 75 евра до 10 грама и 150 евра до 20 грама. Исто така, итно плаќање на казната за поседување дрога веќе нема да се применува исклучиво на музичките фестивали, туку ќе се прошири на целиот јавен простор.
Во својот план од седум точки, федералната влада, исто така, вели дека сака дополнително да ја развие соработката со другите земји и пристанишните оператори во врска со царината и полицијата.
Протоколот за полициска соработка потпишан пред една година меѓу Белгија и Обединетите Арапски Емирати „сега ги дава своите плодови“, се вели во соопштението на владата. Тоа овозможи да се разбие нарко-картелот кој контролираше околу една третина од шверцот на кокаин во Европа и оперира меѓу Белгија и Дубаи, но и Франција, Шпанија и Холандија.
Соработката ќе биде тема на состанок со властите на Холандија, уште една земја многу погодена од овој феномен, во текот на денешниот ден.
На состанокот ќе учествуваат холандски и белгиски политичари и петте најголеми бродски компании во светот, објасни Ван Квикенборн за време на прес-конференцијата. Тој додаде дека едно од прашањата за кои ќе се разговара е безбедноста на контејнерите со висок ризик од Латинска Америка кои пристигнуваат во Белгија и Холандија.
Подготвено од А.Ѓ.