belata kukja

02.02.2023 Скопје

Белата куќа ги отфрли обвинувањата на Северна Кореја дека заедничките воени вежби во регионот се провокација и соопшти дека САД немаат непријателски намери кон Пјонгјанг, бидејќи тоа се рутински вежби, целосно во согласност со досегашната практика.

„Јасно ставивме до знаење дека немаме непријателски намери кон Северна Кореја и дека бараме сериозна и одржлива дипломатија за да се справиме со целиот спектар на прашања од интерес за двете земји и за регионот“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Оваа изјава на Белата куќа дојде откако Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека вежбите на САД и нивните сојузници ја турнале ситуацијата на „екстремна црвена линија“ и се заканија дека ќе го претворат полуостровот во „огромен воен арсенал и покритична воена зона“.

Во соопштението на Белата куќа се повторува подготвеноста на САД да остварат средба со претставниците на КНДР во време и место кое е погодно за нив, но од Пјонгјанг истакнаа дека не се заинтересирани за дијалог се додека Вашингтон води непријателска политика.

Подготвено од М.Н.

About Author