Photo by Pixabay: https://www.pexels.com/photo/industrial-machine-during-golden-hour-162568/

07.02.2023 Скопје

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека во Република Северна Македонија нема да се почувствува недостиг на дизел, а во однос на тоа дали ќе се зголеми цената на овој вид гориво уште еднаш потсети дека таа е берзанска.

Бектеши информира дека во во последниве неколку години количеството дизел од Русија е меѓу 15 и 20 отсто и увозот го прави една компанија што има руски капитал и се снабдува од една руска рафинерија.

Министерот Бектеши на денешната прес-конференција изјави дека „ние како влада се определивме дека ќе ги почитуваме санкциите на Европската комисија за увозот на руска нафта“.

Според последните податоците за пазарот на нафтените деривати, во 2021 година се увезени 1.090.610 тони. „ОКТА“ учествува со 69 проценти, потоа следува „Супер трејд Скопје“ со 11,4 проценти, „Лукоил Македонија“ ДООЕЛ – Скопје со 7,8 проценти, „Црна Река петрол“ со 3 проценти.

Министерот Бектеши информираше дека „Хеленик петролеум“ не користи грчка нафта.

„ОКТА“ веќе одамна не преработува нафта, туку увезува нафтени деривати, а грчката рафинерија „Хеленик петролеум“ (ЕЛПЕ), која е дел од групацијата што ја поседува „ОКТА“, минатата година интензивно работеше на нови снабдувачи, со цел да го покрие делот што се набавуваше од Русија.

Раководството на „ЕЛПЕ“, кое ѝ се придружи на деловната делегација што го придружуваше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на минатогодишната посета на Саудиска Арабија, постигна договор со „Арамко“ за поголеми набавки на сурова нафта.

И вториот по големина снабдувач со нафтени деривати во Република Северна Македонија „Супер трејд“ потврдува дека ембаргото за набавка на нафта и нафтени деривати од Русија нема да им направи проблем во снабдувањето.

Во Република Северна Македонија работи и „Лук оил“, таа е трет најголем увозник на нафтени деривати. Оваа руска компанија кај нас има 35 бензински пумпи и нафтен склад во Штип. На нашите бензински пумпи доаѓа бензинот произведен од рафинеријата „ЛУКОИЛ – Нефтохим Бургас“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author