08.02.2023 Скопје
Преговорите со Алијанса за Албанците за приклучување и на оваа партија во владината коалиција се завршени. Денеска се чека одговорот на Алтернатива, по што би требало да се објават и официјалните информации за новата коалиција и за новите кадровски поместувања. Алијанса за Албанците успеа да испреговара три министерски места, за здравство, за правда и за информатичко општество.
Денеска министерот за здравство Беким Сали, кој е од Алтернатива, изјави дека сè уште немаат конкретен предлог на маса за да можат да ги дефинираат позициите во идната влада. Воедно, додаде дека доколку има проширување на мнозинството, сè уште немаат информација ниту кои се позициите кои Алијанса за Албанците ги има обезбедено и затоа истакна дека не може да коментира кои се нивните позиции.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска го информираше претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, за преговорите со Алијанса за Албанците.
„Алтернатива е значаен партнер на Владата. Имам исклучително високо мислење за сите коалициски партнери. Ќе разговарам со Алтернатива, со Гаши со неговите колеги и се надевам на позитивен исход од разговорите за да може сите заедно да продолжиме кон градење на коалиција која се залага за европска Македонија“, изјави вчера Ковачевски.
Освен секторите здравство и правда, Алијанса за Албанците ќе предложи и министер за информатичко општество и администрација. Нов министер за здравство би бил инфектологот Фадиљ Цана, а за правда Кренар Лога, актуелен член на ДИК.
Освен тоа, Алијанса за Албанците успеа да испреговара и неколку раководни позиции во УЈП, финансиска полиција, царина.
Подготвено од А.Ѓ.