03.02.2023 Скопје
По состанокот на неколку еврокомесари со членовите на украинската Влада во Киев, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти за нов пакет помош за Украина во вредност од 450 милиони евра и други мерки за поддршка.
Од новата финансиска помош, 145 милиони евра се наменети за хуманитарна помош, а 305 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура.
Фон дер Лајен на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакна дека ЕУ ќе и обезбеди на Украина 150 милиони евра за енергетска опрема, како и 35 милиони за енергетски ефикасни светилки и 2.400 генератори по повторените руски напади врз енергетската инфраструктура.
Шефот за европската дипломатија, Жозеп Борел, на украинскиот премиер Денис Шмихал му соопштил дека земјите од ЕУ планираат да обучат вкупно 30.000 украински војници, што ја удвојува претходната цел на мисијата за воена обука на ЕУ од 15.000.
Украинските војници ќе добијат специјализирана обука, како и технички инструкции за нова опрема, вклучително и тенковите „Леопард 2“, истакна Борел.
Фон дер Лајен додаде дека досегашната економска, хуманитарна и воена поддршка на ЕУ за Украина изнесува речиси 50 милијарди евра.
Подготвено од М.Н.