Image by rawpixel.com on Freepik

26.01.2023 Скопје

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека се зголемува бројот на граѓани и домаќинства кои имаат потреба од финансиска поддршка од државата. За дури 54 отсто е зголемен бројот на граѓани кои не можат да обезбедат минимални приходи за себе и за своето семејство и спасот го бараат кај центрите за социјална помош.

Од 76 илјади граѓани кои добивале социјална помош во 2019 година, две години подоцна тој број се искачил на 117 илјади лица.

Активистите апелираат до надлежните дека нема повеќе ниту време ниту простор да се остави состојбата таква каква што е, туку мора да се реагира преку нови мерки и програми и на овие граѓани да им се помогне соодветно.

Податоците на Министерството за труд и социјална помош,пак, не изгледаат така страшно, тие објавуваат дека во Република Северна Македонија има 35 илјади корисници на парична помош од државата, но тоа е така бидејќи тоа се домаќинства, а не индивидуални лица.

Здравко Савески, долгогодишен активист за социјална правда, истакна дека трендот на зголемување на сиромаштијата е алармантен и мора да се стопира, затоа што по две децении континуирано намалување на бројот на лица кои живеат во социјален ризик, во последниве неколку години од како пандемијата му се закани на светот сиромаштијата започна да расте во Република Северна Македонија со забрзано темпо. Воедно, додаде дека недозволиво е тоа што државните органи не објавуваат податоци за последнава измината година туку последните официјални бројки се заклучно 2021 година, потенцирајќи дека тоа е дополнителен проблем на државата бидејќи не се знае каква е ситуацијата во 2022 година, а тие информации се потребни за формирање на економски план и правец во кој треба да се движат економските и социјалните политика на Владата.

Од Министерството уверуваат дека се предвидува зајакната активација на корисниците на гарантирана минимална помош на начин што сите работоспособни членови на домаќинството се вклучат во активни програмите за вработување заради нивно оспособување за работа и вработување. Според информациите, се предвидува и носење на нов Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност со што меѓу другото ќе се креира правна рамка погодна за давање на социјални услуги за поддржано вработување, преку менторство и советување.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author