23.01.2023 Скопје

Загадувањето во Скопје со години е проблем на сите негови жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот, толку побрзо ќе се реши овој долгогодишен проблем.

Предложени се мерки за третман на отпадот според концептот „нула отпад“, мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, мерки за обезбедување енергетска независност на Град Скопје и неговите жители кои воедно се и механизам за борба против енергетската сиромаштија, како и мерки поврзани со точно лоцирање на изворите на загадување во реално време и инспекциски надзор за контрола на загадувачите.

Шесте мерки кои „Зелен хуман град“ смета дека треба да се спроведат итно за намалување на загадувањето во градот се:

1. Советот на Град Скопје да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да започне со прогнозирање температурни инверзии во скопската котлина.

2. Јавно да се објави регистар со правни лица, како и локацијата каде се наоѓаат во Скопје, кои според закон задолжително би морало да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека немаат.

3. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри, што е соодветно за ограничувањето на брзината во населени места на 50 км на час.

4. Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје.

5. Нови паркинг-места за велосипеди и заклучок за задолжителен велосипедски паркинг за сите нови објекти.

6. Измена и дополнување на Краткорочниот акциски план за заштита на амбиентниот воздух во Град Скопје и општините во Град Скопје со мерки кои се во склад со најновите научни сознанија за изворите на загадување во Скопје.

Покрај нив, предлагаат и уште девет, кои треба да се реализираат до крајот на мандатот на актуелниот совет на градскиот Совет, односно до 2025 година.

Од „Зелен хуман град“ информираат дека оваа листа на мерки ја имаат пратено до сите советници на Град Скопје и до градоначалничката. Целта, како што информираат од ЗХГ е „сите заеднички да изградиме консензус по прашањето и како локална самоуправа да спроведуваме активности кои се комплементарни, логични и се темелат на најновите научни сознанија, анализи и мерења. Само така можеме да придонесеме за почист воздух во Скопје. Преголема е цената во човечки животи што ја плаќаме, за загадувањето да продолжи да биде злоупотребувано за меѓупартиски пресметки. Сите го дишеме истиот воздух! Затоа, решенијата мора да ги носиме заедно и тие мора да се засноваат на наука, факти и непобитни докази“.

Меѓу среднорочните мерки кои треба да се спроведат во следниве три години, од граѓанската иницијатива предлагаат да се формира густа локална мрежа од мерни станици, особено околу индустриски капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи.

Од ЗХГ сметаат дела во сите скопски општини треба да има по една биокомпостара – по една за секоја општина, со што не само што ќе се елиминира огромното количество отпад, туку од него ќе се добие и енергија и органско ѓубриво. Се предлага и поставување фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје, но и давање субвенции за фотоволтаци за индивидуалните домаќинства.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *