20.01.2023 Скопје
Информатичкиот дефект што ја принуди американската регулаторна управа за цивилно воздухопловство (ФАА) на 11 јануари привремено да ги прекине сите домашните летови во САД, бил предизвикан од соработник кој случајно избришал датотеки во системот, соопшти ФАА.
Првичниот извештај покажа дека соработникот „ненамерно ги избришал датотеките додека работел на усогласување на главната и секундарната база на податоци“, додава агенцијата.
Агенцијата посочува дека нема докази кои би го поврзале инцидентот со злонамерен чин или пак хакерски напад.
Американскиот секретар за транспорт Пит Бутиџиг на 11 јануари изјави дека побарал од (ФAA) да ја открие причината за проблемот и да каже зошто системите кои треба да обезбедат нормално функционирање во случај на дефект не функционираат.
Подготвено од М.Н.