16.01.2023 Скопје
Во дел од извештајот на Европската комисија во рамки на Механизмот за суспензија на визите стои дека, конфискацијата на криминалните средства треба да стане стратешки приоритет во борба против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата.
Европската унија им сугерира на судските власти, да ја подобрат евиденцијата на правосилните пресуди во случаите на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискацијата на повеќе криминални средства отколку во претходните години.
„Република Северна Македонија постигна напредок во консолидирањето на евиденцијата за истраги, обвиненија и пресуди за организиран криминал и перење пари. За перење пари, во 2021 година беа поднесени обвиненија против девет лица, донесени првостепени пресуди за седум лица и донесени второстепени пресуди за двајца поединци. За организиран криминал во 2021 година се покренати 17 истраги против 119 лица. Обвиненија беа покренати и против 55 лица. Во три случаи беа спроведени финансиски истраги. Конфискацијата на криминални средства не е доволно искористена (само десет случаи со првостепени одлуки за конфискација на имот главно од мала вредност, на пример, автомобили, пари и мобилни телефони) “, стои во извештајот на Европската комисија.
Во однос на борбата против перењето пари Република Северна Македонија има усвоено акционен план што треба да се спроведе до 2024 година, но од ЕУ посочуваат дека се потребни дополнителни напори за спречување на перење пари, борба против корупцијата и организираниот криминал.
Подготвено од М.Н.