zagaden vozduh 1

09.01.2023 Скопје

Мерната станица Лисиче во Скопје покажува дека воздухот е опасно загаден и веќе два дена по ред среднодневната концентрација на ситни честички ПМ10 е над 150 микрограми на кубен метар воздух, што е услов за аларм и воведување мерки во другите градови, но не и во главниот град.

За да се воведат мерки против загадувањето во Скопје, потребно е условот за алармирање да е исполнет на уште една мерна станица во градот, а тоа не е случај.

Сите останати станици, Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат и мобилната станица во Ѓорче Петров покажуваат зголемено загадување, но не доволно за аларм.

Деновиве на овие станици среднодневното загадување со честички е околу 100 микрограми на кубик воздух, а за заштита на човековото здравје дозволено е среднодневните концентрации да бидат до 50.

Веќе пет дена во Лисиче трае непрекината епизода со сериозно загадување. На 5 јануари дневната вредност на ПМ10 беше 154, на 6 јануари 194, на 7 јануари 150, а вчера 8 јануари беше 185.

Според индекс на загадување, овие опасно високи концентрации на прав за време на празничниот викенд го сместија Скопје во топ-листата на најзагадени градови на светот на сајтот IQAir.

Утрово, Скопје е на 13. место во светот со индекс на загадување од 171. Од европските градови на првите 20 места денеска на оваа листа е само индустрискиот град Краков во Полска, а сите останати се градови во Азија.

Според Државниот автоматски мониторинг систем во градовите од западната зона исто така загадувањето е над безбедните граници, но нема доволно за аларм. Кичево за малку би можело да ги исполни условите, но засега не, дневното загадување деновиве е блиску до 150 микрограми, а за вчерашниот ден е 152.

Во источната зона, во Струмица вчера концентрацијата на ПМ10 беше 164 микрограми на кубик воздух, но во претходните два дена има концентрација од 127 и 120.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author