09.01.2023 Скопје
Според податоците на ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, на факултетите во Штип студираат околу 1200 странски студенти, од кои најголемиот дел се од Турција. Ги има и преку студентската размена, односно Програмата Еразмус плус од Шведска, Шпанија и Германија.
Мираковски истакна дека бројката на странски студенти варира, дел од тие студенти се апсолвенти или доаѓаат на Еразмус програми и се краткотрајно присутни во градот, се работи за неколку месеци, а вкупната бројка на активни странски студенти е околу 700 и има уште околу 500 студенти на подготвителната настава по македонски јазик.
Токму враќањето на странските студенти во Штип го актуелизира и проблемот со нивното сместување, како и изградбата на студентскиот дом, на просторот кај старото Нервно одделение.
Поголемиот дел од странските студенти плаќаат кирии за станови или куќи, сместени се во неколку приватни студентски домови, а мал дел и во државниот ученички дом. На факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, Струмица, Кавадарци и Скопје студираат околу 8000 студенти, од кои 6000 домашни и странски студенти се во Штип.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека во тек е изработка на Детален урбанистички план кај Мирјанина црква, каде што ќе се изградат типските куќи за семејствата, кои во моментов живеат во старите згради на Нервното одделение.
Очекува напролет да биде готов Деталниот урбанистички план, по што ќе се распише тендерот за изградба на типските куќи за социјално ранливите семејства. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од ЕУ-фондовите.
Подготвено од А.Ѓ.