24.01.2023 Скопје
Во 2020 година, на Клиниката за кардиохирургија во Скопје, првпат во нашата земја, беше изведена трансплантација на срце, односно пресадување на органот од починат донор, операцијата траеше 6 часа, а по неа следуваа повеќе операции за пресадување органи од починати донори.
Во време кога недостигот од органи ги принудува научниците да смислуваат различни решенија за да се спасат што е можно повеќе животи, во Република Северна Македонија на виделина излезе хуманоста на фамилиите кои даваа согласност органите од нивните најмили да бидат искористени за спасување нечии животи.
Според меѓународниот регистар за органодарителство и трансплантации, Хрватска е лидер во регионот кога станува збор за пресадувањето органи. Според податоци од 2021, во Хрватска биле пресадени најмногу органи, 277, истата година најмалку пресадувања биле извршени во Србија, односно само 8, а на ова поле нашава земја бележи значителен напредок. Во регистарот недостигаат податоци за Албанија и Косово.
Во 2011 година во Република Северна Македонија биле направени вкупно само 8 пресадувања и тоа само на бибрези од живи донори, а десет години подоцна, односно во 2021, биле пресадени вкупно 23 органи. Од нив, 16 биле бубрези, а останатите седум биле срца.
Хрватска е дефинитивен лидер во регионот кога станува збор за пресадувањето органи во 2021 година. Таа година биле пресадени вкупно 277 органи. Најчесто биле пресадувани бубрези, 124, а биле пресадени и 104 црни дробови, 34 срца, девет бели дробови и шест панкреаси.
Меѓутоа, според меѓународниот регистар бројот на пресадени органи во Хрватска во 2021 претставува намалување во однос на 2011, кога имало дури 411 пресадувања на органи.
Во Србија нема податоци за пресадување на органи од предходните години, а според податоците во 2021 година се направени вкупно 8 пресадувања, од кои пет бубрези и три црни дробови.
Поразувачки податок е што од почетокот на 2022 година до средината на декември во Србија е направена само една кадаверична трансплантација и тоа на бубрег, пишуваат тамошните медиуми, а изнесен е и податок дека околу 2.000 лица во земјата чекаат шанса за нов живот и дека трансплантацијата на органи е замрена.
Во 2021 година, во Бугарија биле пресадени вкупно 48 органи, од кои 33 од трансплантациите биле на бубрег, 13 на црн дроб, а две на срце.
Во Грција во 2021 година биле пресадени вкупно 217 органи, најголем дел од нив, 175 биле бубрези, 24 биле црни дробови, 13 биле срца, а пет биле бели дробови.
Во Босна и Херцеговина пак во 2021 година имало само 11 пресадувања на органи, од кои 10 биле бубрези, а еден црн дроб. Достапни податоци во Б и Х има уште само за 2017 година, кога имало вкупно 17 трансплантации на органи.
Во 2021 година, во Словенија биле пресадени 105 органи, вкупно 52 од трансплантациите биле на бубрег, 21 на црн дроб, 17 на срце, а 15 на бели дробови. За споредба, во 2011 кога биле направени 81 трансплантација на органи, и оваа држава бележи раст на ова поле во медицината.
Поред податоците во меѓународниот регистар за органодаватели и трансплантации во 2021 година во Словенија имало 11.299 жители кои дале дозвола за користење на нивните органи по нивната смрт.
Подготвено од М.Н.