19.01.2023 Скопје
Од Куманово како најголема општина, доаѓа и најголемата бројка на лица учесници во НАТО мировните мисии. Овие мисии особено за кумановци се познати триесетина години, кои спасот, како што велат самите – од немаштијата и патот кон подобро утре ги одведе директно во воените подрачја. А од таму, по месеци или години – директно во Македонија, но со сериозно здравствени проблеми и нарушувања.
Според здружението на инвалиди од НАТО мировни мисии, „Верба и надеж“ од Куманово, во Македонија има околу 13.000 НАТО инвалиди, затоа што речиси сите учесници од овие мисии се враќаат со ПТСД, повреди на вратот, `рбетниот столб, екстремитетите, а често тука и не може да ја добијат потребната здравствена заштита, затоа што има недостиг од лекарски кадар. За официјалната државна статистика се признаваат само околу 900 лица – повратници.
„Во Куманово веќе подолг временски период недостасуваат психијатри. По наши сознанија двајца се во државно здравство и двајца работат приватно, а кои на месечно ниво сите заедно можат да сервисираат од 1300 до 1500 пациенти. Имајќи го во предвид податокот дека во Куманово има од 9-10.000 пациенти со ПТСД, потребата од нов лекарски кадар е неопходна. Дел од нив одат на прегледи во Скопје, Кочани, Пробиштип, Битола, Струмица… а за жал најголемиот дел од пациентите со ПТСД лекарска помош имаат побарано во Косово“, вели за „Гласот на Европа“ Катерина Георгиевска, претседателка на здружението на НАТО инвалиди од мировни мисии, „Верба и надеж“ од Куманово.
Во Куманово, како што наведува здружението, има околу 10.000 повратници, но бројката не може да се утврди точно бидејќи државната статистика и правната регулатива не познаваат ваква категорија на граѓани, иако според нив ова се теренски податоци.
За потребата од лекарски персонал, особено во делот на здравствено – психолошката помош и поддршка, од здружението ги известиле и Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи. Но контактот, велат, е за жал прекинат. Соработка има само со општата болница во Куманово, која известила за можно зголемување на бројот на психијатри.
Како што наведуваат од здружението, за овие прашања многупати го известиле и ресорното Министерство за здравство, но од декември 2021 година воопшто нема контакт меѓу нив.
„Надлежното министерство е запознаено со нашата работа и нашите потреби ама за жал од декември 2021 воопшто не контактираат со нас, за што ние алармиравме во јуни 2022 и до собраниска комисија за здравство при собранието на РСМ“, велат од здружението „Верба и Надеж“ од Куманово.
КУМАНОВО СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ НА РАЗВОДИ
„Една ваква психолошко – трауматолошка дијагноза (ПТСД) после процесот на лекување доведува до друга психолошка дијагноза а за тоа сведочи и фактот дека Општина Куманово е на прво место со барања за развод на бракови, што се должи на игнорирањето на центарот за социјална работа од Куманово, за една ненавремена едукација на брачните другари да ја прифатат оваа состојба т.е. дијагноза во кругот на своите семејства“, велат од кумановското здружение за „Гласот на Европа“.
Статистиката од минатите години ја покажува ваквата состојба. Иако ова прашања е недоволно обработено во јавниот простор, сепак може да се сретнат податоци и медиумски написи за кумановските разводи. Па така, уште во 2015 година, локалниот портал „Кумановоњуз“, пишува дека „30 отсто повеќе разводи имало во 2014 во однос на предходната година“. Канал 5 пак, во 2011 објави: „Кумановци рекордери по разводи – Авганистан кумува во раскинувањето на заедниците“.
Од „Верба и надеж“ се оптимисти. Се надеваат дека особено централната власт ќе покаже поголема свест и ангажман околу овие прашање, ценејќи го фактот дека правната помош и заштита, повратниците, ја бараат не само во соседно Косово – што е најчеста појава, туку и во други држави.
ОКОЛУ 2.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ ОД НАТО МИСИИ ВО ТЕТОВО, ПОТРЕБЕН ЗАКОН ЗА ОВАА КАТЕГОРИЈА НА ГРАЃАНИ
Подготвено од А.Ѓ.