hrvatska nov grip

04.01.2023 Скопје

Во Хрватска е регистриран прв смртен случај од компликации од грип во Бродско-Посавската жупанија, каде неделно има повеќе од 200 заболени.

Доктор Анте Читковиќ, директор на Институтот за јавно здравје во тој град, изјави дека станува збор за средовечен маж кој, како што се наведува, имал и многу други хронични заболувања, а починал на Одделот за инфективни болести на болницата во Славонски Брод.

Според последните податоци од пред две недели, во Хрватска се регистрирани 1.759 случаи на грип, а лекарите велат дека притисокот е голем и се повеќе граѓани бараат медицинска помош.

Инфектологот Горан Тешовиќ рече дека без оглед на клиничкото искуство, релативно е тешко да се разликува грипот од коронавирусот.

Тешовиќ смета дека сега на организмот му е потешко да се избори со оваа болест особено кај децата од предучилишна и училишна возраст, кои имаат некомплицирана форма на грип.

Во овој момент барем кај нашите пациенти доминира грип од типот А, и тоа оној кој предизвикува полесна форма на болеста, вели доктор Тешовиќ, и предупреди дека, како и минатата година, има пациенти кои имаат грип и Ковид во исто време.

Подготвено од М.Н.

About Author