11.01.2023 Скопје
Научниците од Европската унија истакнаа дека Европа ја доживеа својата втора најтопла година досега во 2022 година, бидејќи климатските промени предизвикаа рекордни временски екстреми кои го намалија приносот на земјоделските култури, ги исушија реките и доведоа до илјадници смртни случаи.
Службата за климатски промени на ЕУ „Коперник“ (C3S) соопшти дека 2022 година била и петта најтопла година во светот, со мала разлика. Записите на C3S датираат од 1950 година, но други, подолги збирки на податоци потврдуваат дека 2022 година била петта најтопла година во светот од 1850 година.
СЗЅ истакна дека последните осум години беа осумте најжешки во светот.
Планетата сега е 1,2 Целзиусови степени потопла отколку во прединдустриското време, како резултат на климатските промени предизвикани од човекот.
Од Коперник истакнаа дека температурите во Европа се зголемени за повеќе од двапати од глобалниот просек во последните три децении.
Заменик-директорката на C3S, Саманта Бурџис, истакна дека веќе ги доживуваме разорните последици од нашиот свет што се затоплува. Воедно, повика на итна акција за намалување на емисиите на CO2 и прилагодување на променливата клима.
Минатото лето беше најжешкото во Европа досега, соборувајќи температурни рекорди во земјите како Италија, Шпанија и Хрватска. Силните топлотни бранови предизвикаа повеќе од 20.000 смртни случаи во земји како Франција, Германија, Шпанија и Британија.
Во комбинација со недостигот од дожд, жештината предизвика широко распространета суша која првичната анализа ја рангираше како најлоша во Европа во последните 500 години. Ниското ниво на вода го одложи транспортот по германската Рајна, додека недостатокот на дожд го погоди производството на хидроенергија и ги намали приносите на пченката и сојата.
Топлото, суво време поттикна интензивни шумски пожари во земјите од Шпанија до Словенија, ослободувајќи повеќе емисии низ ЕУ и Велика Британија отколку во кое било лето во последните 15 години.
Британската национална метеоролошка служба соопшти дека Британија во 2022 година ја доживеа најтоплата година.
Глобалните температури ќе престанат да растат само ако земјите ги намалат своите емисии на „нето нула“, што значи да не испуштаат повеќе стакленички гасови во атмосферата отколку што отстрануваат.
27-те земји од ЕУ, Велика Британија, Канада, Јапонија и други ветија дека ќе ја постигнат таа цел до 2050 година, а Кина и Индија имаат за цел да ја постигнат подоцна.
C3S истакна дека и покрај тие долгорочни ветувања, глобалните емисии продолжуваат да растат. Концентрациите на јаглерод диоксид во атмосферата беа во просек околу 417 ppm во 2022 година, на највисоко ниво во последните 2 милиони години.
На Антарктикот ледената површина драстично се намалува, а во февруари 2022 година е забележано најголемото намалување на ледената покривка во 44-те години сателитски мониторинг.
Другите делови на светот се соочија со една година на климатско уништување, бидејќи глобалното затоплување продолжи да ги погодува сиромашните и ранливите популации во светот. Во поплавите во Пакистан загинаа најмалку 1.700 луѓе, додека сушата го десеткуваше населението на добитокот во Сомалија.
Подготвено од А.Ѓ.