16.01.2023 Скопје
Вегетаријанството означува, во контекст на човечката исхрана, збир на различни диететски практики кои го исклучуваат од исхраната месото на кое било животно, првенствено месото и производите од риба. Тие се одлучуваат врз основа на етички, еколошки, верски, хигиенски или здравствени причини. Но, кои се земјите со висока стапка на вегетаријанци пријавени во светот?
Според рангирањето направено од Worldatlas.com, на последното место се наоѓа Австралија, каде бројот на вегетаријанци се зголемува и моментално изнесува околу 5,5 проценти од вкупното население. Додека пак, околу 6 проценти од ирското население се придржува кон вегетаријанството.
Бразил е единствената јужноамериканска држава што се најде на оваа листа, со вегетаријанска стапка од 8 проценти. Во Обединетото Кралство, проценката на вегетаријанци е околу 9 проценти од населението, бројка која постојано се зголемува. Исто така, и во Германија и во Австрија има вегетаријанска стапка од околу 9 проценти.
Во Италија, стапката на вегетаријанци е еднаква на 10 проценти од население, а Тајван има вегетаријанска стапка од 12 проценти од населението. Додека пак, во Израел 13 проценти од населението се вегетаријанци.
Индија е на првото место во светот со 38 проценти од вкупното население. Избегнувањето на производи од животинско потекло повеќе не е поврзано со ајурведската кујна во Индија или со религиозните мотивации.
Постојат неколку видови на вегетаријанство, а во некои од исхраната се исклучуваат јајцата како и некои производи кои се добиваат од животните, на пример млечните производи и медот. Така, ововегетаријанската исхрана вклучува јајца, но не млечни производи, алактовегетаријанската исхрана вклучува млечни производи, но не и јајца, а оволактовегетаријанската исхрана вклучува и јајца и млечни производи.
Веганската или строгата вегетаријанска исхрана го отфрла конзумирањето на сите животински производи, вклучувајќи ги јајцата, млечните производи, пчелиниот восок и медот. Исто така, веганите избегнуваат производи од животинско потекло како што се кожена облека и маст од гуски која се користи како боја за чевли.
Полувегетаријанската исхрана главно се состои од вегетаријанска храна, но може да вклучува и риба и пилешко месо, а понекогаш и друг вид на месо. Онаа исхрана која содржи риба или пилешко месо, го дефинира месото како месо од цицачи и може да се поистовети со вегетаријанството.
Пескотаријанската исхрана се опишува како „риба, но никаков друг вид месо“. Често користената асоцијација помеѓу ваквите видови исхрана и вегетаријанството ги наведе вегетаријанските групи, како што е Здружението на вегетаријанци, да тврдат дека исхраната која содржи вакви состојки не е вегетаријанска, поради фактот што рибите и птиците се животни.
Некои поединци можат да се наречат „вегетаријанци” иако практикуваат полувегетаријански начин на исхрана, бидејќи во некои од дефинициите кои постојат во речниците, вегетаријанството се опишува како исхрана која вклучува риба, или вклучува само месо од цицачи како дел од дефиницијата за месо, додека според други дефиниции не се конзумира риба и каков било друг вид на животинско месо. Во други случаи, некои поединци можат да се опишаат како „флекситаријанци”. Овој вид на исхрана може да го практикуваат оние кои го намалуваат конзумирањето на животинско месо како начин за преминување кон вегетаријански начин на живот поради здравствени, етички, еколошки или друг вид на причини.
Макробиотска исхрана е исхраната која главно се состои од зрнеста храна. Во рамките на “ово”-групите постојат многумина кои одбиваат да конзумираат оплодени јајца. Меѓутоа, ваквата поделеност не е доволно изразена. Исто така, некои вегетаријанци избегнуваат производи кои можат да содржат животински состојки кои не се назначени на нивните етикети. На пример, шеќер кој е избелен со постапка на јагленисување на коски, сирења за кои е употребено животинско сириште (ензими од желудочната мембрана на животните), желатин (добиен од колагенот во внатрешноста на кожата на животното, од коските и од сврзните ткива), некој вид на шеќер од шеќерна трска (но не шеќер од шеќерна репка) и сок од јаболко кој е прочистен од алкохол со желатин или мелени школки и есетра, додека пак други вегетаријанци не се свесни за присуството на вакви состојки или пак не им пречи ваквото присуство.
Различни видови спакувана или обработена храна како што се торти, колачиња, бонбони, чоколади, јогурти и маршмало често содржат непознати животински состојки и можат да претставуваат особен проблем за вегетаријанците поради веројатноста од постоењето на вакви додатоци.
Честопати, пред да купат или да конзумираат некој производ вегетаријанците проверуваат дали во него има животински состојки. Меѓутоа, вегетаријанците се разликуваат во односот кон овие состојки. Додека некои вегетаријанци не знаат за улогата на сириштето од животинско потекло во секојдневното производство на сирење, па оттаму и без да знаат го конзумираат производот, други вегетаријанци едноставно немаат ваков проблем.
Подготвено од А.Ѓ.