17.01.2023 Скопје
Серијата обилни дождови што ја зафатија Калифорнија во последните три недели конечно стивна, дозволувајќи им на евакуираните да се вратат во своите домови, а државата да се фокусира на поправка на оштетените патишта и далноводи.
Во девет последователни поројни дождови од 26 декември досега загинаа најмалку 20 луѓе, а десетици илјади се раселени, изјави гувернерот Гевин Њусом.
Властите на Калифорнија упатија апел до граѓаните, да ја штедат водата, имајќи предвид дека нарушувањето познато како атмосферски реки не стигнало до сливот на реката Колорадо, кој е главен извор на вода во Калифорнија.
Ново невреме може да донесе умерен дожд во наредните неколку денови, а остатокот од јануари би требало да биде сув, велат синоптичарите.
Сепак, во многу калифорниски окрузи останува на сила вонредната состојба, и населението се предупредува на можни одрони во кањоните и на ридовите бидејќи земјата е многу влажна по три недели дожд и снег, а некои реки постои можност да се излеат.
Подготвено од М.Н.