02.01.2023 Скопје
Минатата година, Република Северна Македонија по 17 години во чекалната на ЕУ формално го почна процесот на преговори со Унијата со отворање на првата меѓувладина конференција. Објаснувачкиот и билатералниот скрининг за усогласување на европското законодавство се во тек и овој процес се очекува да заврши во ноември оваа година.
За да продолжи европскиот пат на Република Северна Македонија, неопходни се уставни измени со внесување на Бугарите во Уставот, за што власта и опозицијата имаат дијаметрално спротивни ставови.
Сепак, проекциите на власта се дека до 2030 година, Република Северна Македонија би требало да стане членка на ЕУ. Заклучокот е дека оваа 2023 година ќе биде клучна за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државава.
Со прифаќањето на францускиот предлог на 17 јули минатата година, Република Северна Македонија по 17 години кандидатски статус за членство во ЕУ ја одржа првата меѓувладина конференција со Унијата, со што формално почна процесот на преговори со ЕУ.
Условот за продолжување на процесот на евроинтеграции и одржување на втората меѓувладина конференција, со што ќе се отвори и првиот преговарачки Кластер, а тоа се уставните измени, е содржан во Билатералниот протокол, што го потпишаа шефовите на дипломатиите на Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева на 19 јули минатата година.
Во предлог заклучоците на француското претседателство беше наведено дека Протоколот е неразделен дел од преговарачката рамка за Република Северна Македонија и дека ЕУ ќе го следи напредокот околу него.
Во македонскиот Парламент засега нема обезбедено двотретинско мнозинство за промена на Уставот, додека некои партии го условуваат гласањето за уставни измени со предвремени избори.
Премиерот Димитар Ковачевски повеќепати ги повика сите 120 пратеници да покажат одговорност за овие и за идните генерации и да го поддржат пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ, а партиските интереси да ги остават настрана, бидејќи, вели „граѓаните сакаат да бидат дел од ЕУ, а иднината на граѓаните е подеднаква обврска на сите политички партии во Парламентот”.
Откако Владата го прифати „францускиот предлог” за почеток на преговори во јули минатата година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема да гласаат за отворање на Уставот и за вметнување на Бугарите во него. По изгласувањето на предлогот во Собранието, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски покажа и изјави заверени на нотар од сите членови на неговата пратеничка група, со кои тие се обврзуваат дека нема да дозволат уставни измени.
Опозицијата во септември побара одржување референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, што претседателот на Собранието, Талат Џафери, го отфрли како неуставно. Подоцна референдум побара и партијата Левица, што исто така беше отфрлен од Џафери.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во октомври, десетина дена по објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјава, рече дека нема да поддржат отворање и интервенции во Уставот се додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од Бугарија.
Некои партии од албанскиот блок, пак, уставните измени ги условуваат со бришење на нормата „20 проценти” од Уставот, односно албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на годишниот брифинг со новинарите на крајот на декември, во врска со можноста за нови блокади од страна на Бугарија и доколку дојде до промена на Уставот рече дека во документите што ги потпишале и во рамката нема основа за тоа, но додаде дека не само Софија, туку и другите членки можат да не блокираат, доколку сакаат, со оглед на тоа што одлуките во ЕУ се носат со консензус. Тој додаде дека токму затоа во моментов се гради овој однос со Бугарија, со цел во иднина да не постои ниту еден аргумент за нови блокади.
За уставните измени, пак, Османи изрази уверување дека следната година ќе бидат донесени, нагласувајќи оти нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот, а забелешките на одредени политички субјекти ги оцени како дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен. Османи потенцира дека од почетокот на јануари ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, што е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот.
Подготвено од А.Ѓ.