31.01.2023 Скопје
Според последниот извештај на „Транспаренси Интернешнел“, Унгарија се смета за земја со најмногу корупција во јавниот сектор во целата Европска унија.
Со оценки кои се движат од 42 до 46 од можни 100, Унгарија, Бугарија и Романија се далеку зад скандинавското трио на ЕУ, при што Данска е најдобро рангирана во класата (90), проследена со Финска (87) и Шведска (83), според перцепцијата на индексот на корупција на „Транспаренси Интернешнел“ за 2022 година.
Данска и Финска, исто така, се на врвот на светската ранг-листа, Финска се изедначи со Нов Зеланд (87), додека Сирија и Јужен Судан (13) и Сомалија (12) се на дното на листата стои во извештајот на „Транспаренси Интернешнел“.
Луксембург, Велика Британија и Австрија забележаа значителен пад на нивните резултати од 2017 година, додека Ирска е единствената земја-членка на ЕУ чиј резултат е подобрен. Молдавија, која доби статус на кандидат за ЕУ минатиот јуни, исто така го подобри својот резултат.
Со оценка од (28), Русија има една од најниските оценки во Источна Европа, а нејзината инвазија на Украина во февруари минатата година е „остар потсетник за заканата што корупцијата и отсуството на одговорност на Владата претставуваат за глобалниот мир и безбедност“, се наведува во соопштението.
Оценката на Украина е само малку повисока (33), но земјата „презема важни реформи и постојано се подобрува“ од почетокот на војната.
Подготвено од М.Н.