24.01.2023 Скопје
Откако неколку високи украински функционери поднесоа оставки поради наводните набавки на воени материјали по повисоки цени, портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро изјави дека како дел од процесот на проширување, во кој сега се наоѓа Украина, се очекува таа да ја зајакне својата борба против корупцијата.
Според Писонеро, Украина веќе презела неколку чекори, како што е назначување шеф на специјализираната антикорупциска канцеларија и отворање конкурс за нов директор на националната канцеларија за борба против корупцијата.
Писонеро наведе дека Европската комисија ќе ги оцени овие напори во следниот годишен извештај за напредокот на земјата кон Европската унија, што треба да излезе на есен.
Писонеро додаде дека ЕУ и Украина имаат политички дијалог во кој се разговара за овие прашања и смета дека е важно да се каже дека ЕУ ги поддржува финансиските потреби на украинските власти, но ЕУ ќе одлучува каде ќе бидат најпотребни финансиски средства.
Подготвено од М.Н.