https://www.facebook.com/photo.php?fbid=730400965107894&set=pb.100044139924327.-2207520000.&type=3

02.01.2023 Скопје

Украина ќе биде главен приоритет и клучно безбедносно прашање во претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, истакна во своето обраќање Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија по повод преземањето на функцијата претседавач со ОБСЕ во 2023 година.

Во фокусот на македонското претседавање со ОБСЕ кое ќе се одвива под слоганот „За луѓето се работи“ ќе бидат интересите на луѓето и работата теренските мисии на Организацијата, најави новиот претседавач на ОБСЕ Османи.

Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, исто така, ќе се фокусира на економската соработка, клучна за трајниот мир и просперитет на граѓаните, како и на поддршката на одржливиот економски раст и еколошката соработка која е од суштинска важност за човековата безбедност.

Меѓу приоритетите ќе бидат и заштитата на човековите права, како и промовирањето на толеранцијата и недискриминацијата како предуслов за сеопфатна безбедност.

Република Северна Македонија оваа година ќе претседава со најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија, а програмата на македонското претседавање ќе биде претставена од страна на министерот Османи пред Постојаниот совет во Виена на 12 јануари.

Подготвено од М.Н.

About Author