17.01.2023 Скопје
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на Регионална Конференција „Модели за инклузија на малцинствата и ранливите групи во Западен Балкан – Споделување на добри практики и препораки за подобрено креирање на политики“, организирана како дел од проектот „Унапредување на моделите за инклузија на малцинствата и зајакнување на испораката на услугите во општинските структури во Западен Балкан“.
На конференцијата беа присутни и директорот на ГИЗ за Република Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер, извршниот директор на НАЛАС, Клеменд Зајази и Канцеларката на одделот за малцинства на државата, Линда Пипер.
Тренчевска истакна „како Влада го одбираме патот на инклузија, на социјална правда и еднаквост, а носиме мерки, закони и одредуваме една рамка по која сите треба да се водиме во нашето општество, затоа што целта е една, еднакви можности за сите сограѓани“. Воедно, истакна дека само со меѓусебна почит и олеснето функционирање без предрасуди „можеме да бидеме успешна држава која напредува“.
Министерката ја истакна работата на Владата во изминатиот период и посочи дека со спроведувањето на социјалната реформа поттикната е плурализацијата и децентрализацијата на социјалните услуги. Тренчевска истакна дека воведувањето на социјалните услуги без нивно доближување до лицата кои имаат потреба од нив нема да донесе успех.
„За побрз развој на испорака на социјалните услуги од страна на општините, Министерството за труд и социјална Политика спроведува проект за зголемување на пристапот до социјалните услуги и подобрување на нивниот квалитет, за што обезбедивме вкупно 10,8 милиони евра, за период на имллементација од 5 години“, изјави Тренчевска. Исто така, се осврна и на инклузијата на Ромската заедница и посочи дека со оперативниот план за вработување, во согласност со мерките за вработување, во 2022 опфатени се 105 лица Роми.
Министерката ги посочи и заложбите за инклузија во градинките на децата Роми.
На крајот од своето обраќање министерката истакна дека работата на Министерството за труд и социјална политика е во насока на поддршка на секој во општеството и овозможување на еднакви можности за сите.
Подготвено од А.Ѓ.