06.01.2023 Скопје
Бадник е празник кога семејството се собира заедно во домот, седнува на заедничка посна и богата трпеза и крши лепче со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, цела наредна година ќе го следи здравје, успех и среќа. Традицијата налага оваа вечер да не се оди никаде на гости, туку да се остане во домот со богато посно мени што има и симболично значење и означува богатство и изобилство и во наредната година. Бадник се прославува еден ден пред Божиќ и претставува последен и најстрог ден на божиќниот пост и носи голема среќа во домовите, бидејќи претходи на денот на Исусовото раѓање.
Се верува дека на Бадник треба да се врати сè што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале, за целата наредна година да помине во мир и слога. А, ако на Божиќ врне, се верува дека ќе вроди со плод сè што ќе биде копано со мотика.
Во зависност од семејната традиција и областа од која доаѓаме, се менуваат рецептите за традиционалното бадниково лепче, но едно нешто е секаде исто, ова лепче е симбол за добар род на житото, односно за плодна година.
Празникот името Бадник го добил по гранката од даб – бадник, бидејќи дабот се смета за најздраво дрво и симболизира здравје за целото семејство. Во минатото бадникот се сечел на тој ден, се внесувал дома и се палел. Денес обичаите се прилагодени на времето во кое живееме, па бадникот најчесто се купува на пазар или најдобро – се зема од црква ноќта пред Бадник, се става на влезната врата од домот или се става покрај икона.
Едно од верувањата е дека бадниковото лепче треба да се прави од пченично брашно, а ако додадете други зрна во него, зрното мора да биде цело, додека водата што ја користите при месењето треба да биде осветена или претходно во неа да се стави грст жито.
Постои верување дека сè што ќе допрете со рацете на кои има од залепеното тесто, ќе биде плодно во текот на целата година. Лепчето треба да се украси како што се краси славски колач, но не мора. Обичај е да се украси со бадникови гранчиња и лисја од елка, но и да се декорира со крст направен од тесто. Некогаш бадниковото лепче се послужувало ставено над слама, која ја симболизира сламата на која е роден Исус и се верува дека со неа во домот доаѓа мир и благослов.
Постои верување дека мора да се послужат 12 видови различна посна храна и едно главно јадење. Обичајот симболично потсетува на 12 апостои кои со Исус биле на тајната вечера. Важно е сите членови на семејството да бидат на бадниковата трпеза.
Прво, сите заедно го вртат лепчето трипати, а потоа лепчето се крши и се јаде пред другата храна. Членовите на семејството сите заедно може да го скршат бадниковото лепче и секој да си го земе парчето што го скршил за себе, или најстариот домаќин да крши и да дели парчиња од лепчето на сите членови. Секако, најсреќен е оној што ќе ја најде паричката, а таа треба да ја чува цела година на посебно место. Паричката се употребува најмасовно зашто се верува дека таа носи пари и среќа, но освен паричка во лепчето може да се стави и дренка – за здравје и сила, или глог – за да се избркаат злите сили.
Самото божиќно лепче има симболично значење и потсетува на ноќта кога мудреците доаѓале да се поклонат. Марија им понудила леб и оттука и обичајот да се има лепче на трпезата.
Од Бадник па сè до завршувањето на божиќните празници, членовите на семејството не треба да се караат и да зборуваат со висок тон за да имаат здравје, среќа и напредок, и сите работи треба да се вршат спокојно и во тишина. Секоја домаќинка тој ден треба да купи нешто ново за куќата. Обично тоа е сад во кој се прави бадниковото лепче.
Подготвено од А.Ѓ.