11.01.2023 Скопје
Според брифинзи на партиите, но и според официјалните изјави, средбата во Тирана под покровителство на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на Албанците од Република Северна Македонија, Али Ахмети на ДУИ, Арбен Таравари на Алијанса за Албанците, Африм Гаши на Алтернатива и Мендух Тачи на ДПА, е пријателска, братска и празнична средба без заклучоци, скриени платформи и пораки со заложба дека добро би било Република Северна Македонија и Албанија заеднички да го продолжат патот кон ЕУ, што подразбира уставни измени кај нас за влез на Бугарите во Уставот и дека ЕУ агендата е приоритет над приоритетите на сите партии на Албанците во земјава без оглед дали се власт или опозиција.
Билал Касами од Беса не присуствуваше на средбата и според информациите од учесници на вечерата, никој од присутните не зборувал за отсуството на Касами.
Според брифинзите, лидерите на партиите на Албанците го отвориле прашањето за замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ при отворањето на Уставот, но сите биле единствени дека „не треба да има уценувачки однос“.
Пораката на Рама пак била дека добро е двете земји заедно да го продолжат патот кон ЕУ.
На вечерата било констатирано дека партиите на Албанците од Република Северна Македонија без оглед дали се власт или опозиција се единствени за ЕУ агендата. Заклучиле и дека повремено треба да има вакви средби.
И официјалните изјави на дел од лидерите по средбата со Рама се во контекст дека за партиите на Албанците приоритет е европскиот пат и дека ќе поддржат уставни измени за Република Северна Македонија во ноември да ги продолжи преговорите со ЕУ.
Таравари истакна дека меѓу другото е разговарано и за уставните измени. Според него, ја анализирале и општата состојба во Северна Македонија, Албанија и регионот, руската инвазија врз Украина, економската ситуација и заедничката иднина на Скопје и Тирана во правец на ЕУ, со став „како земји членки на НАТО заедно да го продолжат патот до ЕУ”.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, кој на средбата со Рама во Тирана пристигна во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека во пријателските и братски разговори ќе се разгледаат сите теми.
Ахмети оцени дека вечерата била во братски дух, а разговорите во позитивен дух. Воедно, додаде дека оценката е оти иднината бездруго е во ЕУ, а дека на тој пат има сериозни предизвици и дека не очекува една многу тешка фаза, потенцирајќи дека на евроинтеграцискиот пат е многу важно да се направат уставни измени, оценувајќи дека тоа нема да му штети на македонскиот народ, туку напротив.
Лидерот на ДУИ ја потенцирал опасноста од заминувањето на младите од Република Северна Македонија, што како што нагласи, е проблем и на Албанија. Според него, стандардите на двете земји треба да се усогласат со оние на ЕУ, со цел и во таа насока да се намалат ризиците од намалување на бројот на млади, стручни и способни луѓе.
И Тачи изјави дека не разговарале за ништо конкретно, освен за заедничката иднина на двете земји во Европската унија.
Подготвено од А.Ѓ.