Image by Mediamodifier from Pixabay

03.01.2023 Скопје

Веспрем во Унгарија, Темишвар во Романија и Елевсина во Грција ќе ја делат титулата Европска престолнина на културата во 2023 година. Ја преземаат од Каунас, Еш и Нови Сад, кои во 2022 г. го славеа европското културно наследство.

Грција по четврти пат ќе биде домаќин на целогодишната програма од проектот на ЕУ – Европска престолнина на културата. Инаку, Елевсина е родното место на старогрчкиот трагичар Есхил, град кој е спој на античка слава и индустриски развој. Програмата „Мистерии на транзицијата“ е инспирирана од Елевсинските мистерии – мистични ритуали во антиката што се одржувале во чест на божицата на земјоделството Деметра и нејзината ќерка Персефона, со кои се славело човечкото поврзување со природата и циклусот на животот.

Еден од најстарите унгарски градови – Веспрем, заедно со регионот на езерото Балатон и планинскиот предел Бакони, ќе биде Европска престолнина на културата во 2023-та. Според организаторите, проектот е можност да се прикажат вековните традиции, културната разновидност, гастрономијата и природните убавини на Веспрем, а неговиот епитет „град на кралиците“ да биде дополнет со заштитниот знак „град на културата“.

Мултиетничкиот Темишвар во Романија, некогашниот мост меѓу Австроунгарската Империја и Југоисточна Европа и од 1880 до 1914 година најважниот индустриски, комерцијален, финансиски и културен град во регионот Банат, ќе се претстави со програма чија цел е да се поттикне граѓанската енергија. Мотото на програмата е „Shine your light – Light up your city!”.

Проектот „Европска престолнина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива од Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција. Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различни засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.

Целта на иницијативата е да ги заштити и да ги промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зацврсти капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам.

Според листата на Европската комисија, во 2024 година титулата Европска престолнина на културата ќе ја делат градовите Бад Ишл во Австија, Тарту во Естонија и Бодо во Норвешка. Во 2025 година градови на европската култура ќе бидат Кемниц во Германија и Нова Горица во Словенија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author