globalna ekonomija

17.01.2023 Скопје

Минатата година, во дискурсот во Давос доминираше руската инвазија на Украина. Додека пак, годинава повторно ќе заземат централно место последиците од војната, додека светот се бори со енергетската криза и се движи кон рецесија.

Војната во Украина и нејзините огромни економски последици повторно се очекува да доминираат на агендата на годишниот настан во швајцарското алпско одморалиште.

Годишниот состанок на Светскиот Економски Форум (СЕФ) на кој присуствуваат глобални политички и бизнис лидери, познати личности и истакнати општествени активисти се одржува во време кога светската економија е под екстремен стрес, опоравена од висока инфлација, енергетска криза и други нарушувања на снабдувањето предизвикани од војната, како и оживување на случаи на Ковид-19 во Кина.

Основачот и претседавачот на Светскиот економски форум Клаус Шваб на отворањето на годишниот собир во Давос изјави дека светот се соочува со невидени предизвици и се движи кон зголемена фрагментација и конфронтација.

Во воведните зборови Шваб истакна „нашата генерација достигна пресвртна точка, соочена со вистински егзистенцијални проблеми климатските промени, експлоатација на природата, можни нуклеарни инциденти или војни, екстремна сиромаштија и вируси“, потенцирајќи дека сите тие можат да доведат до исчезнување на голем дел од „нашето глобално население“. Но, Шваб звучеше позитивно, велејќи дека преку колективна одговорност, иновации, човечка добра волја и генијалност „имаме капацитет да ги претвориме предизвиците во можности“.

Учесниците во Давос се соочуваат со глобални судири, вклучително и руската војна во Украина, во која загинаа илјадници цивили, а милиони се раселени и ги потресе пазарите за храна и гориво ширум светот, олицетворувајќи го чувството на фрустрација за тоа како конфликтите и крвопролевањата сè уште го збунуваат современото општество. Десетици сесии денеска во Давос се посветени на различни прашања како што се родовата еднаквост, развојот на производството, зелената транзиција, напорите за ставање крај на туберкулозата и снабдувањето со храна, вода и енергија.

На петдневниот состанок, кој се одржува под знамето „Соработка во фрагментиран свет“, ќе учествуваат над 50 шефови на држави и влади. Меѓу очекуваните гости се германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и шпанскиот премиер Педро Санчез.

Се очекуваат и некои неодамна избрани лидери, вклучително и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, колумбискиот претседател Густаво Петро и претседателот Фердинанд Маркос Џуниор од Филипините. Африканскиот контингент ќе го предводи претседателката Самиа Сулуху Хасан од Танзанија.

Соединетите Американски Држави ќе бидат претставени од претставникот на претседателот Џо Бајден за климата, Џон Кери, и трговскиот претставник Кетрин Таи.

Нема да има учество од Русија, бидејќи политичарите и бизнис лидерите во земјата остануваат избегнувани од состанокот. СЕФ ги замрзна своите врски со руските ентитети минатата година, откако Москва ја нападна Украина кон крајот на февруари.

Украина, уште еднаш, ќе испрати делегација на високо ниво. Сепак, организаторите одбија да споделат дополнителни детали од безбедносни причини.

53-тото издание на состанокот во Давос се одржува во време на едно од најсилните економски забавувања во овој век, при што шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, предупреди дека една третина од глобалната економија може да биде погодена од рецесија оваа година.

Конфликтот во Украина и санкциите на Западот против Русија доведоа до невидена енергетска криза. Иако се чини дека инфлацијата во напредните економии, како што се САД и еврозоната, го достигна врвот, таа и понатаму е непријатно висока, принудувајќи ги централните банки да останат на курсот со агресивни зголемувања на стапките. Тоа значи повисоки трошоци за задолжување во услови на забавена економија, а исто така ризикува да ја влоши глобалната должничка криза во земјите во развој, вклучително и во Африка.

Светската банка предупреди дека актуелната економска криза може да предизвика зголемување на сиромаштијата во субсахарска Африка, која веќе е дом на околу 60 отсто од екстремно сиромашните во светот.

Годишното истражување за ризиците објавено од СЕФ во средата ја стави глобалната криза на трошоците за живот предизвикана од пандемијата Ковид и руската инвазија на Украина како главен непосреден ризик, велејќи дека проблемите со снабдувањето со енергија и храна најверојатно ќе продолжат во следните две години.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author