05.01.2023 Скопје
Денеска на Саемот за електроника ЦЕС во Лас Вегас, меѓународниот конзорциум на производители на автомобили „Стелантис“ објави дека ќе произведува електрични летала развиени од американската компанија „Арчер”, наменети како летачко такси.
Водечки компании-членови на „Стелантис“ се „Пежо“, „Ситроен“ и „Џип“.
„Стелантис“ ќе му даде до 150 милиони долари на „Арчер” за авион со вертикално полетување и слетување (е-ВТОЛ), што ќе може да превезува четворица патници и пилот. Под називот „Миднајт”, леталото изгледа како мал авион со неколку ротори на крилата и е наменет за патувања од околу 30 километри со време на полнење на батеријата од само околу 10 минути меѓу патувањата.
Двете групи веќе склучија партнерство во 2021 година, кога „Стелантис” му даде техничка помош на „Арчер” и пристап до синџирот на снабдување.
Се очекува „Стелантис“ масовно да го произведува малото такси-летало, како ексклузивен производител со договор, во фабриката на Арчер во Ковингтон, Џорџија, во источниот дел на САД.
Подготвено од А.Ѓ.