https://www.instagram.com/p/Cgtsrk-Mi57/

26.01.2023 Скопје

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за прв пат навести дека Белград може да го промени курсот и да воведе санкции кон Русија, што е едно од клучните барања на ЕУ за Србија да напредува во преговорите за членство во ЕУ.

Во ексклузивното интервју за Евроактив, Дачиќ, ветеран со повеќе од 30 години во политиката на високо ниво, рече дека Србија, кандидат за ЕУ од 2012 година, првенствено се водеше од проценката што е во нејзин најдобар интерес.

Дачиќ истакна дека Србија го осудува нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина и на тој начин имаат гласано во меѓународните тела. Во врска со тоа дали ќе воведат санкции кон Русија, тој одговори дека тоа не е прашање на рокови или време, тоа е прашање што се однесува на српските политички и економски интереси.

Српскиот претседател Александар Вучиќ жестоко се спротивстави на санкционирањето на Москва за нејзината офанзива во Украина, често нагласувајќи дека Србија ја увезува целата своја нафта и гас од Русија, но е под зголемен притисок од Западот да го промени својот став. Во октомври, тој откри план од 12 милијарди евра за инвестиции во енергетската инфраструктура во текот на шест години за да се диверзифицира и да се обезбеди снабдување со енергија.

Дачиќ рече дека од руската анексија на Крим во 2014 година до сега, Србија не се приклучи на западните санкции „бидејќи проценивме дека тоа нема да биде во наш интерес“.

Во друг знак дека наративот за Русија, која се смета за традиционален сојузник на Србија, може да се менува, српската премиерка Ана Брнабиќ, која присуствуваше на настанот на промоцијата на Евроактив во Белград во средата вечерта, зборуваше за „руската агресија врз Украина“. Формулацијата Србија претходно не ја користеше. Таа, исто така, ја пофали ЕУ како најголем инвеститор и донатор во Србија.

Дачиќ прогласи дека членството во ЕУ е „приоритет за Србија“, но тој исто така ја критикуваше ЕУ поради одолговлекувањето на проширувањето.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author