02.01.2023 Скопје
Додека голем дел од планетата ги слави новогодишните празници и влезот во 2023 година, има многу кои страдаат, бидејќи човештвото не го положи основниот тест, а тоа е да се потисне гладот во светот.
Речиси една третина од населението на планетата нема загарантиран оброк, а 828 милиони луѓе легнуваат гладни секоја вечер, покажуваат податоците на Светската програма за храна (СПХ) при Обединетите нации.
Светската програма за храна на својата веб-страна наведува дека 2022 година била година без преседан кога станува збор за гладот во светот и дека 345 милиони луѓе се во директна опасност од недостиг на храна, што е драстично зголемување во споредба со 2019 година, кога таа проценка беше околу 145 милиони луѓе, а три години претходно, во 2016 година, тој број беше помал, односно 108 милиони луѓе.
Според статистиката, 149 милиони деца имаат проблем со растот поради хроничен недостиг на основни хранливи материи, а повеќе од 45 милиони деца страдаат од неухранетост, катастрофална состојба во која телото на детето е толку гладно и му недостасуваат основни хранливи материи.
Пандемијата на Ковид се уште создава проблеми на синџирите за набавка во многу заедници во светот, а воените судири во Украина ги креваат цените на намирниците на житарките, пченицата, и многумина не можат да си ги дозволат.
Климатските промени исто така со честите сезони без доволно врнежи и зголемени температури на места како што е Рогот на Африка, зголемениот број природни катастрофи, ги уништуваат посевите и способноста на луѓето да ги прехранат своите семејства.
СПХ истакна дека на програмата и се потребни 22,2 милијарди долари за да се обезбеди храна за 160 милиони луѓе на планетата и тоа само за минатата 2022 година.
Подготвено од М.Н.