05.01.2023 Скопје
Европската комисија соопшти дека складиштата за природен гас во ЕУ се исполнети околу 84 проценти. Нивото на искористеност на заедничките складишта за природен гас во ЕУ во декември беше за 13 отсто повисоко од просекот за периодот 2016-2018 година.
Минатата година, земјите-членки на Унијата почнаа да складираат гас поради стравувања од недостиг во текот на зимата.
Нивото на заеднички резерви гас до септември достигна 82 отсто, што е повеќе од зацртаната цел за исполнетост на резервите од 80 проценти до ноември.
Минатата година, Русија значително ја намали испораката на гас за земјите од ЕУ поради санкциите воведени од Европската унија за нападот врз Украина. Пред почетокот на инвазијата на Украина, Европа набавуваше 40 отсто од вкупното количество гас од Русија, а сега само околу 9 отсто.
Првата редовна испорака на течен природен гас од САД пристигна во Германија во вторникот, како дел од напорите на земјите од ЕУ да најдат нови добавувачи и да ги заменат ресурсите што порано ги обезбедуваа од Русија.
Подготвено од А.Ѓ.