09.01.2023 Скопје
Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, изјави дека Турција, која од мај го блокира влезот на Шведска и Финска во НАТО, има барања кои Стокхолм не може и не сака да ги исполни.
„Убедени сме дека Турција ќе донесе одлука, само не знаеме кога“, изјави Кристерсон на Конференцијата за одбрана и безбедност на која присуствува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Кон крајот на декември шведскиот Врховен суд одби да го екстрадира новинарот Булент Кенес во Турција, на барање на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, односно објави дека има „пречки за екстрадиција бидејќи се работи за така наречени политички злосторства, односно злосторства насочени против државата и од политичка природа“.
Шефот на финската дипломатија, Пека Хависто, на Конференцијата на маргините истакна дека, на Финска не и се брза да се приклучи кон НАТО и дека неговата земја ќе стане членка во НАТО во исто време со Шведска.
Подготвено од М.Н.