10.01.2023 Скопје
Шефот на Дизни ги повика вработените кои моментално работат од дома да почнат да одат во канцеларија четири дена во неделата од почетокот на март.
Главниот извршен директор Боб Игер рече дека таканаречените „хибридни“ работници сега ќе бидат замолени да ги третираат „од понеделник до четврток како работни денови лично“. Исто така, го истакна својот став дека соработката лице в лице е клучна за „креативен бизнис како нашиот“.
Објавата доаѓа два месеци по шокантното враќање на г-дин Игер во Дизни.
„Ништо не може да ја замени способноста за поврзување, набљудување и создавање со врсниците што произлегува од тоа да се биде физички заедно, ниту пак можноста за професионален развој преку учење од лидери и ментори“, истакна г-дин Игер во меморандум до вработените.
Игер верува дека соработката повеќе лично ќе биде од корист за креативноста на компанијата, културата и кариерите на вработените.
Како и многу други големи компании, Дизни им дозволи на вработените да работат од дома за време на пандемијата за да помогнат во забавување на ширењето на Ковид-19. Исто така, како и другите големи фирми, Дизни сака да го врати персоналот во своите канцеларии.
Во последниве месеци компаниите, вклучувајќи ги Snap, Tesla и Uber, најавија слични промени во нивните работни политики.
Од септември, вработените во технолошкиот гигант Apple се обврзани да работат три дена неделно во канцелариите на фирмата.
Во ноември, мултимилијардерот Илон Маск им нареди на персоналот на Твитер да се вратат во канцеларијата 40 часа неделно, ставајќи крај на постојаната политика на компанијата „работа од секаде“.
Одлуката на г-дин Маск, кој ја купи платформата за социјални медиуми во договор од 44 милијарди долари (38,7 милијарди фунти), наводно предизвика голем број вработени да се откажат откако тој ги повика да се пријават за „долги часови со висок интензитет“ или да си заминат.
Г-дин Игер беше вратен од управниот одбор на компанијата за да ја води низ тежок период откако цената на нејзината акција драстично падна, а услугата за стриминг Дизни+ продолжи да работи со загуба.
Неговото враќање дојде помалку од една година откако се повлече од компанијата. Тој претходно беше на чело на Дизни 15 години.
Г-дин Игер го замени Боб Чапек, кој ја презеде функцијата извршен директор во февруари 2020 година.
Мандатот на г-дин Чапек како шеф на Дизни вклучуваше затворање на неговите тематски паркови поради ограничувањата за Ковид.
Подготвено од А.Ѓ.