11.01.2023 Скопје
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, чека мислење од градоначалничката Данела Арсовска за иницијативите за свикување на вонредна седница на која треба да се дискутира за загадувањето во главниот град.
Советничката група на владеачката партија во државата, во Советот на Град Скопје, информираше дека има поднесено иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град, но дека добиле одговор дека нивното барањето било некомплетно.
Славески истакна дека тоа барање било некомплетно бидејќи не биле потпишани најмалку 15 или една третина од членовите на Советот. „Јас ова барање веднаш го препратив до градоначалничката Данела Арсовска да се изјасни за сите иницијативи предложени како точки на дневниот ред. Доколку добиеме мислење, а такво нешто нема се уште, ќе се договориме за одржување на седница“ изјави Славески.
Славески истакна дека сите сакаат граѓаните на Скопје да имаат поквалитетен живот и воздух, но додаде дека голем дел од проблемите со загадувањето на воздухот бараат долгорочен пристап.
Подготвено од М.Н.