10.01.2023 Скопје
Денеска во Мексико Сити ќе започне Самитот на лидерите на САД, Мексико и Канада.
На Самитот, лидерите на САД, Мексико и на Канада се очекува да ги остават настрана трговските тензии и да бараат подлабока економска интеграција, воедно ќе разговараат и за безбедноста и миграцијата.
Американските телевизии јавуваат дека мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ќе биде домаќин на неговиот американски колега Џо Бајден и на канадскиот премиер Џастин Трудо, на самитот неформално познат како „Тројцата амигоси”.
Додека напорите за решавање на проблемот со миграцијата и трговијата со дрога доминираа вчера на билатералната средба Лопез Обрадор – Бајден, се очекува со доаѓањето на Трудо фокусот на разговорите да биде насочен кон економски прашања.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави пред медиумите дека зајакнувањето на регионалните економски врски „им овозможува на САД да бидат производствена сила за која зборуваше претседателот Бајден, но тоа е и победа за Мексико и Канада”, истакнувајќи дека тоа „ја намалува нашата зависност од други земји и други делови од светот кои не мора да ги делат истите вредности што ги споделуваме со нашите партнери овде во Северна Америка”.
Мексико се надева дека ќе има корист од активностите што ги спроведува Вашингтон за намалување на зависноста од азиските производители.
Минатата година САД го повикаа Мексико да се вклучи кон проект вреден повеќе милијарди долари за зајакнување на производството на полупроводници, со цел САД да бидат компетативни на Кина во тој сегмент.
Бајден во 2021 година ги оживеа разговорите „Тројцата амигоси”, настојувајќи да ја зајакне соработката откако неговиот претходник Доналд Трамп го одложи регионалниот самит. Но, и односите меѓу Лопез Обрадор и Бајден не се најдобри.
САД и Канада поднесоа формална жалба против Мексико за непочитување на Северноамериканскиот трговски договор. Вашингтон и Отава сметаат дека политиката на мексиканскиот претседател за зајакнување на улогата на државата во енергетскиот сектор им штети на странските инвеститори и го попречува развојот на чиста енергија.
Исто така, вчера се појавија и разлики во ставовите на САД и Мексико во нивниот пристап за справување со зголемениот број мигранти на заедничката граница.
Бајден ги бранеше активностите на САД по односното прашање посочувајќи дека во изминатите 15 години се инвестирани „десетици милијарди долари”.
Подготвено од А.Ѓ.