24.01.2023 Скопје
Американскиот претседател Џо Бајден ја назначи долгогодишната дипломатка Џули Тарнер за специјална пратеничка за човекови права во Северна Кореја.
Џули Тарнер доаѓа на функцијата од местото директор на Канцеларијата за Источна Азија и Пацифик во Одделот за демократија, човекови права и труд на Стејт департментот, соопшти Белата куќа, додавајќи дека Тарнер зборува корејски и претходно работела на прашања за човековите права во Северна Кореја како специјален помошник во канцеларијата на пратеникот.
Местото на специјален пратеник за човекови права е празно од јануари 2017 година, односно од времето кога поранешниот претседател Доналд Трамп се обиде да воспостави односи со Пјонгјанг и трипати се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун. Средбите доведоа до смирување на тензиите меѓу двете земји, но не резултираше со долгорочен договор.
Во својот последен годишен извештај за состојбата со човековите права во Северна Кореја, Стејт департментот наведе значителни прекршувања, вклучувајќи масовно затворање и принудна работа.
Подготвено од М.Н.