17.01.2023 Скопје
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вториот ден од Министерската конференција во Давос, која е посветена на изјавите, усвојувањето на документите и востановувањето на Алијансата „Баукултур 2023“, рече дека основањето на Алијансата е добра вест и за Република Северна Македонија и дека тоа ќе биде мрежа која ќе ја иницира соработката на јавниот со приватниот сектор, а резултатот ќе донесе бенефит за сите.
Министерката Костадиновска-Стојчевска посочи дека станувајќи членки на Алијансата „Баукултур 2023“, „ние преземаме и одговорност, одговорно да се однесуваме кон правото на секој човек да живее и да создава во хуман амбиент“. Воедно, додаде „точно е дека секој има право да заработи, но не и да профитира од менталното здравје и од социјалниот живот на луѓето, тоа не е бизнис со економски бенефит за сите, туку тоа е корупција со лоши последици за сите“.
На Конференцијата, Костадиновска-Стојчевска пред присутните нагласи дека Република Северна Македонија има големо културно наследство, богатство од минатото, кое ја дефинира нашата сегашност и кое неминовно е дел од културниот идентитет и на Европа.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека многу аспекти од Декларацијата од 2018-та за „Баукултур“ се имплементирани во нашите национални стратегии и бидејќи потенцијалот на Европа да се хуманизира просторот е влезен во фаза на сериозно ангажирање уште еднаш нагласи дека ќе иницира формирање на Оддел за „Баукултур“ во рамките на Министерството за култура и тоа очекува да го реализира во најкраток рок.
Подготвено од А.Ѓ.