12.01.2023 Скопје
Во најновиот Извештај за глобалните економски перспективи, Светската Банка прогнозира раст на македонската економија од 2,4 проценти годинава, што е за 0,7 процентни поени помалку во однос на објавената проекција во јуни минатата година.
Проекцијата на Владата за економскиот раст на државава за годинава е 2,9 проценти.
Светската Банка има надолна ревизија и на проекцијата за македонскиот БДП за 2024 година за кога прогнозира дека ќе изнесува 2,7 проценти, односно надолната корекција е 0,5 процентни поени.
Анализите на Светската Банка покажуваат дека Република Северна Македонија ја заврши 2022 година со раст од 2,1 процент.
Светската Банка за државите во регионот проектира раст од 0,8 проценти во Хрватска, од 1,7 проценти во Бугарија, од 2,2 проценти во Албанија и од 2,3 проценти во Србија, додека поголем раст од нашиот ќе имаат економиите на Босна и Херцеговина од 2,5, на Црна Гора 3,4 проценти и на Косово од 3,7 проценти.
Во Западен Балкан се предвидува раст од 2,5 проценти во 2023 година, наспроти првично проектираниот од 3,1 проценти.
Во Извештајот на Светската Банка се посочува дека реформите за пристапувањето во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната, како и нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната.
Подготвено од А.Ѓ.