27..01.2023 Скопје
Податоците на Царинската управа на Република Северна Македонија за 2022 година покажуваат дека изминатата година во земјава биле увезени 24.944 автомобили, заклучно со ноември 2022 година, при што 18.042 од автомобилите се внесени во земјава како стари, додека автодилерите успеале да увезат 6.902 нови автомобили.
Од податоците може да се увиди скок на интересот кај граѓаните за купување на нови автомобили. За споредба, во сите 12 месеци од 2021 година биле увезени 5.815 нови автомобили, што е за 1.100 возила помалку од ланската година без декември. Со ваквите добри резултати, можно е земјава да ги надмине податоците од 2010 година, кога биле увезени 7.183 автомобили на ново. Ова значи дека 2022 година е рекордна година според продажбата на нови автомобили во Република Северна Македонија во изминатава деценија.
Според податоците од Царинската управа на Република Северна Македонија за изминативе 13 години, најголем дел од увезените автомобили и лани биле купени на старо од странски земји. Сепак, процентуалниот удел на половните возила во вкупниот увоз на автомобили во Република Северна Македонија се намалил. Па така, 72,3 отсто од автомобилите увезени лани биле половни, додека 27,7 отсто биле увезени како нови. Ваква распределба кај увозот не е забележана претходно во изминатава деценија, бидејќи процентуалното учество на новите автомобили во годишниот увоз било максимално до 20 отсто.
Огромно мнозинство од увезените автомобили во земјава се всушност дизелаши. Во 2022 година имаше рекорден раст на цената на нафтените деривати, особено во текот на летото, а денес според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, цената на литар дизел гориво на бензинските пумпи во Република Северна Македонија е повисока од цената на бензинот. Заедно со порастот на цените на нафтените деривати, во земјава лани имаше значителен раст на инфлацијата, така што зголемените трошоци на живот примораа поголем број од граѓаните да се откажат од намерата за купување на ново возило.
Наспроти сеопштиот раст на цените во Република Северна Македонија, и во европските земји, од каде што се увезуваат речиси сите возила на старо кај нас, во 2022 година беше забележан енормен раст на цената на половните автомобили. Блумберг уште во мај лани пишуваше дека вредноста на старите автомобили во Германија скокнала за 27 отсто во текот на април 2022 година, додека понудата на автомобили за купување опаднала за 18,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година.
Меѓу огласените возила на македонските веб-страници за продажба на возила не може да се пронајде автомобил кој е поевтин од 7.500 евра, а којшто е произведен во периодот околу 2015 година. И кај најмалите автомобили од најниска класа, коишто биле произведени во периодот 2006-2010 година, не може да се пронајдат поевтини возила во моментов од 3.500 евра.
Подготвено од А.Ѓ.