17.01.2023 Скопје
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, од денеска ќе учествува на Годишниот состанок на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Предвидено е претседателот Пендаровски денеска да учествува и да говори на панел сесијата „Во одбрана на Европа”, на која ќе говорат и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Литванија Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија Светлана Тихановскаја, соопштија од кабинетот на шефот на државата.
Во рамки на форумот во Давос, претседателот Пендаровски ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан”, а ќе има и билатерални средби со повеќе учесници на форумот.
Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, насловен „Соработка во фрагментиран свет” се одржува од 16 до 20 јануари 2023 година, а учествуваат лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество кои ќе дебатираат за состојбата во светот и за приоритетите за годината што претстои.
Подготвено од М.Н.