31.01.2023 Скопје
Додека во Собранието трае расправата околу изборот на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески за член на Уставниот суд, на кој во моментов му недостасува една третина од предвидениот број на судии, се очекува и уште еден предлог за уставен судија што треба да го даде Судскиот совет.
Неодамна избраната претседателка на Советот Весна Дамева изјави дека на своите колеги им е дадено задолжение да ги поткрепат со детални информации кандидатите, за да не бидат тоа само голи имиња, а потоа ќе се донесе решение кое ќе биде споделено со јавноста во државата.
На оваа изјава и на денешното продолжение на жестоката расправа во собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, на кој опозициските пратеници продолжија со критиките, на правосудството но и на предлогот на парламентарното мнозинство Јовески да биде избран за уставен судија, им претходеше апел да ја забрзаат работата.
Портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска, изјави дека од седми декември минатата година Судот функционира со шест од предвидени девет судии, поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.
Подготвено од М.Н.