14.01.2023 Скопје
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, најави казни за трговците кои нема да ги вратат старите цени што неоправдано ги покачија при конверзија од куна во евро, кое на 1 јануари стана официјална валута во таа земја.
Пленковиќ на седницата на Владата истакна дека тоа се однесува на оние кои неоправдано ги зголемиле цените при претворањето во евро и со тоа ја намалиле куповната моќ на граѓаните и нанеле штета на стопанството со зголемување на и така високата инфлација. Висината на казните ќе се движи од 1.000 до 26.000 евра.
Освен казните, премиерот најави и можност за укинување на субвенциите за производителите на енергија, бидејќи во време на криза од голема важност е солидарноста, одговорноста и однесувањето кое не е профитерско, изјави Пленковиќ.
Просечните поскапувања во продавниците се и до 13 отсто, а најголем пораст е забележан кај услужните дејности. Потоа во трговијата на мало, особено кај пекарските производи, кои поскапеа за 15 отсто, но некаде се забележани поскапување и до 30 отсто.
Помошникот на главниот државен инспектор Ведрана Филиповиќ Грчиќ рече дека инспекторите досега извршиле речиси 700 контроли, а во 178 констатирале неоправдано поскапување од 1 јануари.
Во продавниците, повеќе од 70 отсто од субјектите ги вратиле цените како пред воведувањето на еврото, а кај фризерските услуги и услугите за нега на тело, цените во просек се зголемени за 20 отсто, во некои случаи и за 50 отсто, додаде Филиповиќ Грчиќ.
Подготвено од М.Н.